Delivery Wars

Share on facebook
Share on twitter
Share on email
Share on whatsapp

Со затворањето на рестораните, многумина го најдоа решението за носталгијата (како и опстојувањето на омилените ресторани и кафеани) преку доставата на храна. Иако рестораните се веќе отворени, на многумина им е сеуште попријатно да јадат каде што се чуствуваат побезбедно: дома. И покрај отворањето, карантинот им ја зголеми клиентелата на сите компании кои вршат достава, додавајќи лојални фанови на веќе постоечката база (зборувам од лично искуство). 

Моментално, двата најголеми доставувачи се КликниЈади (долгогодишен лидер на пазарот) и ФудГуру (new kid on the block).

КликниЈади се добро воспоставена компанија, со огромна мрежа на партнер-ресторани. Нивниот вебсајт е високо функционален, со разни алатки центрирани околу примарната услуга: онлајн нарачка за достава. Со голем број категории, целосно мени, и голема клиентела уште пред кризата, тие се несомнено најуспешните во градот.

ФудГуру се ново воспоставен бренд кој доживеа бум за време на кризата. Иако се нови играчи на сцената, бројот на партнери расте од ден на ден (минимум едно ново партнерство секоја недела). Нивниот свеж изглед и одличен маркетинг дефинитивно претставува закана за добро воспоставените КликниЈади.

Категорија 1: Интерфејс (изглед на вебсајт)

Вебсајтот на КликниЈади, со нивната зголемена популарност е постанат комплицирана сложувалка, полна со разни реклами од партнери (што е одлична шема за приход, меѓутоа е неатрактивно за многу муштерии). Тек откако ќе отидеш подоле на страната се појавуваат категориите (што, барем за мене, има спротивен ефект од оној кој е замислен). 

Сепак, иницијалниот приказ на рестораните има доста корисни податоци прикажани (минимум нарачка и цена на достава, начин на плаќање, и ценовна категорија).

Вебсајтот на ФудГуру е по директен, со непосреден приказ на категориите, таб за пребарување, и приказ на најпознати оброци (кои не се категоризирани по ресторан).

Помалиот број на информации не го оптеретуваат корисникот кој прв пат ја користи платформата, меѓутоа, отворајќи ја страната од компјутер, чини како да има недостаток на информации (што не се случува на нивниот мобилен интерфејс).

Категорија 2: Избор на храна

КлинкиЈади, како компанија воспоставена во 2015, располага со 100 разни ресторани на понуда, кои се категоризирани по разни кујни, и разни мениа. Категоризацијата е доста едноставна, и многу специфична, што му овозможува на корисникот веднаш да најдат тоа што го сакаат.

ФудГуру, како што се напомена, растат секој ден. До сега, имаат 35 ресторани достапни за нарачка, и листата, како и категориите, расте секоја недела. Категориите им се доста едноставни и погенерални, што му дозволува на корисникот да си ги разгледа опциите пошироко. Верувам дека како ќе растат, ќе додаваат категории.

Двата начини на категоризација имаат свои предности. КликниЈади е за оние кои се доста одлучни, и знаат специфично што сакаат. ФудГуру нудат полежерен пристап кон селекцијата, за оние кои се отворени кон повеќе опции. 

КликниЈади исто така има категории на храна во индивидуалните страни на секој ресторан (на ФудГуру, ова е достапно од мобилниот интерфејс и само со одредени ресторани, но сепак го нема на компјутерскиот сајт).

Категорија 3: Систем на нарачка

Двете компании имаат едноставен принцип на нарачка: креирај профил, одбери јадење, додади го во кошничката, прегледај ја кошничката, финализирај ја нарачката.

ФудГуру имаат интересни додатоци кои го збогатуваат искуството на корисникот: слика од секој индивидуален продукт, и копче наречено Fitness Mode (кое ги прикажува макронутриентите во секој продукт). Како што е и насловено, ова е доста корисна алатка за оние кои ги следат овие бројки од фитнес причини.

Категорија 4: Платежен систем

КликниЈади нудат четири опции при плаќање:

  • подигни ја нарачката сам (со што платформата ја користиш само за да ја направиш нарачката)
  • испорака
    • онлајн плаќање
    • физичко плаќање со кеш
    • физичко плаќање со картичка

Покрај можноста за сам да си ја подигнеш храната (што оди контра на концептот на служба за достава), можноста да платиш онлајн е единствената разлика (и недостаток) на ФудГуру. Тие на својот вебсајт го потенцираат овој недостаток, ветувајќи дека наскоро и тоа ќе биде возможно.

Популарноста на КликниЈади исто така им има обезбедено партнерство со Visa, со што сите кои ќе го искористат тој платежен метод добиваат попуст. Ова е една очигледна предност на нивната големина.

Категорија 5: Цени

Причината зошто КликниЈади губи на страната на популарност во однос на ФудГуру е во цените. Не цените на продукти меѓутоа цените на достава, како и минималната цена за достава. 

ФудГуру има стандардна цена од 50 денари достава (која се намалува после твојата 20та нарачка) за било каде, и било која количина на нарачка. Тие исто така немаат минимална цена на нарачка, ниту пак лимит на број на ресторани во една нарачка. Шемата им е доста едноставна, и му допушта слобода и сигурност на купувачот (во однос на фиксната цена на достава). 

КликниЈади, пак, имаат минимална цена, различна за секој ресторан, како и различна цена на достава за секој ресторан (со можност за бесплата достава во некои региони од страна на некои ресторани). Се на се шемата е доста комплицирана за корисникот, сосема спротивно од слободната стратегија на ФудГуру. Исто така, КликниЈади на нивниот вебсајт напоменуваат дека цените на сајтот се различни од продажните цени во ресторанот (што не е присутно во ФудГуру).

Категорија 6: Достава

Популарноста на КликниЈади во овој случај претставува пречка, со што може да дојде до успорена достава поради голем број нарачки. 

ФудГуру ги прави своите нарачки со поголема брзина (аргумент тестиран во пракса). Сепак, КликниЈади се доста јасни за времетраењето на доставата, со што ти даваат минимален и максимален лимит кога јадењето ќе стигне до вас, и секогаш се придржуваат до границите на тоа (ФудГуру немаат предвидено време на достава прикажано, меѓутоа при контакт со клиентот по телефон, диспечерот кажуваат кога ќе пристигне отприлика храната).

Категорија 7: Услуга и Помош (Customer Service)

Оваа категорија е најмногу базирана на лично искуство. КликниЈади се доста неутрални, си ја вршат работата, и се трудат да се справат со проблеми колку што можат. 

ФудГуру, како нова и млада компанија се многу посветени на нивната клиентела и верна публика. Импресијата која ја добив е дека се работи за млад и ентузијастичен тим, желен да понуди одлична услуга и да се пробие на пазарот. Секоја комуникација со нив ми била одличнна, корисна и љубезна. Свесни се дека се како почетници може да имаат некои испусти, но работат кон тоа да ги пополнат. Маркетингот им е интересен и впечатлив, како свеж бран.

Заклучок:

КликниЈади имаат очигледни предности. Иако со одредени пропусти, го доминираат пазарот со широкиот избор, лојалната клиентела, и деталниот систем. Меѓутоа, ФудГуру растат со огромна брзина. Нивниот свеж дух и одлична услуга се очигледна закана за воспоставените КликниЈади.

Кој е победникот на овие Delivery Wars? Се уште не можеме да одредиме, меѓутоа војната е започната, и ние ја имаме можноста да следиме и учествуваме. 

Кој е вашиот фаворит? Споделете со тимот на GetOut.

За Авторот:

Следете ги најновите трендови во градот

Бидете меѓу првите што ќе дознаат за најинтересните случувања во Скопје

Прочитај повеќе...

Games

Од Лисиче до Волково: Donut Mania

Верувам дека во барем една точка од времето, надлежните во Хром го приметија метежот. Секоја ноќ, во најневообичаените часови, во Хром се ствараше гужва, понекогаш

Games

Што испуштаат дискотеките?

2020 дефинитивно не е годината која сите ја замислувавме. Место на журка со друштво, се најдовме танцувајќи по пижами по дома. Забраната за физички собирања

Games

Повеќе од платформа

Ако било што учиме од моменталната криза, треба да сфатиме дека солидарност е клучен елемент во функционирањето на едно општество. Меѓусебното разбирање и помош, со

Games

Паднатиот маалски херој

Силното влијание на моменталната криза го раздрма светот, здравствено и економски, нанесувајќи масовна штета. Економската тежина на ситуацијата се осети и во нашето Скопје, каде

Зајакнете го вашето онлајн присуство со наша помош